Кошаркарите во Киев ќе гостуваат против Украина
Украинската кошаркарска федерација ги соопшти деталите поврзани со организацијата на средбата од квалификациите за Светскиот Куп која е закажана за 29 ноември.
Од Украина стигна информација дека средбата против нашата најдобра селекција ќе се игра во главниот град на Украина – Киев, и тоа во „Дворецот на спортовите“ со почеток од 19:00 часот, по локално време.
Освен тоа познати се и цените на влезниците кои од пред некој ден се во слободна продажба. За четирите сектори во киевската Арена, треба да се издвојат од 2.5 до 16.5 евра.
Претходно, на отворањето на ноемврискиот ФИБА „прозорец“, нашата машка сениорска репрезентација на 26. ноември во Скопје ќе го пречека актуелниот светски шампион – Шпанија, додека пак во истиот термин, као дел од групата Г, во Тбилиси, Грузија ќе биде домаќин на Украина.