Кошмарот на Ливерпул не запира: 4-1 пораз против ПСВ

Сезоната на Ливерпул навлезе во уште подлабока криза по поразот од 1-4 на домашен терен против ПСВ Ајндховен во Лигата на шампионите. Овој пораз ја продолжи нивната серија без победа и ја засили критиката кон тренерот Арне Слот. Доминик Собослај беше единственото светло во темнината, постигнувајќи гол во 16. минута, по раниот пенал на Иван Перишич, но ПСВ возврати со голови на Гус Тил и два пати од Коубаид Дриуех, откривајќи ги познатите проблеми во одбраната на тимот од Мерсисајд . Овој пораз следеше по неодамнешните неуспеси во Премиер лигата, вклучувајќи и поразот од 0-3 на домашен терен од Нотингем Форест, кога навивачите започнаа да ја напуштаат арената уште пред крајот, што беше шокирачки момент на стадионот кој долго време важеше за неприкосновен.
Арне Слот беше под нови критики за неговата немоќ да се справи со тактичките предности на ПСВ, особено во второто полувреме кога Ливерпул прими 3 гола, додека се обидуваше да игра со систем кој го базираше на поседување на топката. Тимот на Слот веќе претрпе неколку тешки порази, а актуелната форма со 4 порази од последните 5 натпревари го доведе клубот во ситуација слична на најтешките моменти од историјата на клубот, како оние во времето на Рој Хоџсон. Собослај, кој постигна гол, беше најсветлата точка во тимот, но остатокот се чини дека потполно не функционираше, а гласовите за отказ на Слот стануваат сè погласни. Ливерпул, кој сега се наоѓа во средина на табелата во Премиер лигата и на 13 место во Лигата на шампионите, е под сериозен притисок.
Иако се зборува за можен отказ на Слот, изборот на негов наследник е ограничен во моментов. Јирген Клоп неодамна изјави дека не сака да се врати на клупската сцена, бидејќи за прв пат ужива во слободата без притисокот што го носи менаџментот. Имиња како Андони Ираола, Роберто Де Зерби и Оливер Гласнер се споменуваат како потенцијални кандидати, но за сега не постојат конкретни поврзувања. Управата на Ливерпул се наоѓа пред тешка одлука, дали да го отпушти Слот сега или да биде оптимиситичен и да му даде повеќе време на Холанѓанецот.