Крис Пол со „докторска“ партија за 2-0 на Феникс против Денвер
Феникс Санс ја имаат контролата во полуфиналната серија на Западната конференција во НБА лигата, откако со победа од 123:98 поведоа со 2:0 против Денвер.
Крис Пол одигра „докторска“ партија со која уште еднаш покажа зошто е великан на кошарката, а Никола Јокиќ беше стандардно добар во првиот натпревар по прогласувањето за МВП, но го изневерија соиграчите.
Од четвртина во четвртина Феникс го зголемуваше водството, а шест минути пред крајот, кога имаа 31 разлика, двата тренери ги испразнија клупите и на паркетот ги испратија резервите. Тоа им беше петта победа по ред на Феникс, а трета во последните четири натпревари во кои имаа и триесет поени разлика.
Пол диригираше со нападот на Феникс и заврши со 17 поени, 15 асистенции, пет скокови и една блокада, а немаше ниту една загубена топка.
Јокиќ беше запрен на 24 поени, 13 скокови, шест асистенции и две загубени топки. Но, поразувачки за Денвер беше фактот што останатите четворица стартери заедно имаа сличен учинок од 26 поени, 11 скокови и четири асистенции со шут од игра 9/32.