КСФМ го смени системот на натпреварување
Кошаркарската федерација на Македонија направи промена во сред сезона и поради новитетот нема да се игра Суперлигата со шест клуба, туку ќе следи плеј-оф со осум екипи, како и плеј-аут во кој ќе испаѓаат два тима.
Десет од вкупно дванаесет клуба го прифатиле новиот предлог, кој доаѓа поради разлика на одредени клубови во бројот на одиграни средби, а Пелистер и МЗТ Скопје биле делумно согласни, со дополнение, односно барање, во плеј-офот да разигруваат првопласираните шест екипи (наместо предложените осум) од регуларниот дел на оваа натпреварувачка сезона.
Во поединечното изјаснување на клубовите, десет клуба беа за предлогот:
„По завршување на регуларниот дел од првенството, односно по одигрување на 22 кола, да не се игра втората фаза од Првата лига- мажи, односно Супер лига и Плеј аут лига, и да се премине на третиот планиран дел, плеј оф.
Доигрувањето би се реализирало со учество на осумте првопласирани екипи од првиот дел од првенството.
Плеј аут, со учество на четирите последнопласирани екипи во регуларниот дел од сезоната, каде испаѓаат две екипи.
Натпреварите од доигрувањето, плеј-офот, односно плеј-аут лигата би се одвивале во т.н.„балони“, а сите трошоци за реализација на турнирите ќе ги покрива федерацијата.
Натпреварувањето да се одвива во четири одвоени турнири, преку кои ќе се реализираат четвртфиналните, полуфиналните и финалната серија на плеј-офот. Како и плеј-аут турнир по кој ќе бидат познати и двете екипи кои би се преселиле во понизок ранг на натпреварување – Втора лига.
„Балоните“ би се играле во периодот од 17. мај, заклучно до 10. јуни, кога би го имале новиот шампион за сезоната 2020/2021“.
КК Пелистер-Битола и КК МЗТ Скопје Аеродром се делумно согласни со предлогот, со дополнение, односно барање, во плеј-офот да разигруваат првопласираните шест екипи (наместо предложените осум) од регуларниот дел на оваа натпреварувачка сезона.