Кудуз: Алборг сигурно сака реванш за поразот во Скопје
Анте Кудуз по неколкунеделната пауза поради повреда се врати во тимот и ќе биде во составот на Вардар за утрешното гостување на македонскиот шампон кај Алборг.
Хрватскиот бек верува дека поразот од Монпелје во претходното коло може да делува позитивно за нив, а смета дека Алборг ќе биде мотивиран за реванш по поразот во Скопје.
„Знаеме дека Алборг ќе бара реванш за поразот од Скопје. Ќе биде интересно, ние доживеавме еден ладен туш против Монпелје и можеби на крај да испедне позитивно што добивме една таква „шлаканица“ за да се разбудиме. Сигурно овој меч ќе биде многу поразличен од оној во Скопје. Верувам дека тие сега се подобро подготвени, а ние добро знаеме како играат, па затоа сметам дека нема да има многу тактички изненадувања, секако очекувам еден цврст и борбен натпревар“, истакна Кудуз.
Натпреварот меѓу Алборг и Вардар е закажан за утре (среда) во 18:45 часот. Во однос на составот, ќе недостасува единствено Борко Ристовски кој пријавил здравствени проблеми. По четири одиграни кола во Лигата на шампионите, Вардар е на делба на третата позиција во групата со пет бода, колку што имаат ПИК Сегед и Монпелје.