Кузмановски со звукот на сирената донесе реми против незгодната Австрија

Македонската ракометна репрезентација се наоѓаше пред пораз од Австрија на Светското првенство, но капитенот Филип Кузмановски распали од огромна далечина во последната секунда од натпреварот и извлече реми 29-29. Во драматичен натпревар со резултатска „вртелешка“, нерешениот резултат можеби е и најреален исход по големата битка на Македонија и Австрија.
Марко Митев со шест голови беше најефикасен во македонскиот табор, Жарко Пешевски постигна пет, а Кузмановски имаше четири погодоци и пет асистенции. На голот Кизиќ имаше шест, а Митревски три интервенции.
Македонија сега во рамки на групата 2 од главната фаза има два бода, еден што пренесе од првата фаза и еден по денешното реми. Во четврток ќе бараме победа против Катар, а натпреварот го играме во истиот термин како и денеска во 15:30 часот.