Кузманоски го продолжи договорот со Бутел Скопје

Тренерот Горан Кузманоски ја продолжи верноста кон Бутел Скопје за уште две сезони и ќе биде на чело на македонскиот суперлигаш најмалку до 2027 година.

Тој ја одработува втората сезона на кормилото на Бутел Скопје и заедно со ракометарите одново ја остварија главната цел – пласман во разигрувањето за титулата.

„Ќе се потпираме пред сѐ на македонски ракометари, особено на млади играчи кои се иднината на нашиот клуб и на македонскиот ракомет воопшто. Ќе се засилиме со најмногу двајца странски играчи, но само на позиции каде што моментално немаме соодветни домашни решенија. Нашите младински категории веќе подолго време покажуваат сериозен квалитет – бевме кадетски шампиони, а сега младинците завршија на високо трето место. Тоа е доказ дека системски се работи и дека талентот е тука. Нашата амбиција останува иста – и во следните две сезони сакаме да бидеме дел од плеј-офот и да продолжиме со развој на еден стабилен и конкурентен тим“, изјави Кузманоски.

43-годишниот Горан Кузманоски тренерската кариера ја започна во Романија, додека во Македонија ги водеше уште екипите на Прилеп и Скопје.