Кулушевски го повика Ибрахимовиќ, се чека неговиот одговор

Фудбалерот на Јувентус, Дејан Кулушевски го повика Златан Ибрахимовиќ да му се придруши во репрезентацијата на Шведска на претстојното Европско првенство. Се почести се шпекулациите дека Ибрахимовиќ би можел да се врати од репрезентативната пензија, а на тоа се надева и фудбалерот на Јувентус. „Се допишуваме. Тој е мој идол, тешко е да се најде некој друг што има слична кариера како неговата. Кога ги слушам неговите пофалби, тоа значи дека морам уште повеќе да работам на тренинзите, а тоа ме прави горд.“ – вели Кулушевски. Потоа, тој го повика својот идол да се врати во државниот тим. „Се надевам дека ќе ни се придружи во репрезентацијата на Шведска на Европското првенство. Тоа би било преубаво за мене и за сите швеѓани. Ајде, Ибра!“ – заклучи Кулушевски.