Куман: Меси не смее да се сомнева во иднината на Барселона

Барселона на „Паркот на принцовите“ ремизираше со ПСЖ со резултат 1:1, па со вкупни 5:2 по двата натпревари е елиминирана од Лигата на шампионите, а тренерот на каталонскиот клуб Роналд Куман смета дека неговиот тим остави добар впечаток. Холандскиот стратег со причина ја пофали играта на неговата екипа, бидејќи најдобар играч на натпреварот беше голманот на ПСЖ, Кејлор Навас кој имаше девет одбрани, бранејќи и еден пенал на Меси пред крајот на првото полувреме на резултат 1:1. „Заслуживме да имаме водство на полувреме најмалку со 2:1. Тие беа ефикасни на првиот натпревар, но не и сега. Ни недостасуваше среќа. Нивниот голман беше играч на натпреварот. Имавме шанси, но не ги искористивме. Пеналот беше важен момент, бидејќи второто полувреме ќе беше многу поразлично.“ – вели Куман. Следеше прашање и за иднината на Лионел Меси во клубот, бидејќи му истекува договорот по крајот на сезоната. „Лео гледа дека екипата напредува со промените кои ги правиме, со младите играчи кои имаат квалитет и голема иднина. Меси не треба да се сомнева во иднината на оваа екипа.“ – порача Куман.