„Лавовите“ ја срушија Брера и запишаа значајни три бода

Во рамки 6. коло од Првата лига, кое се игра неделава, екипата на Македонија Ѓ.П. на домашен терен славеше над АП Брера од Струмица со конечни 2-0.

Во натпревар во кој домаќинот имаше далеку повеќе од играта, создаде повеќе шанси и постигна два гола, Македонија Ѓ.П. покажа дека полека, но сигурно излегува од почетната резултатска криза во овогодинешниот шампионат и започнува да собира бодови.

Од самиот старт беше јасно кој ќе доминира. Домаќините имаа повеќе од играта, поголемиот дел од времето го поминаа на противничката половина, а во 17. минута, по асистенција на Клинтон, Симеон Христов со акробатски потег го совлада Вргов од непосредна близина.

Овој гол не ги задоволи „лавовите“, кои продолжија со нападите, но не успеаја да реализираат уште еднаш во првиот дел.

По паузата, АП Брера направи измени кои донесоа свежина во нивната игра. Струмичани почнаа да играат далеку подобро и да останеа со сите единаесетмина на теренот, можеби натпреварот ќе добиеше поинаков епилог. Сепак, во 53. минута Хасан доби втор жолт картон и автоматско исклучување.

Со играч помалку Брера не успеа да парира, па во 72. минута Мартин Талаков, по одлична асистенција од левата страна, изби сам пред Вргов и погоди со помош на стативата.

Со овој триумф Македонија Ѓ.П. ја запиша втората победа сезонава и стигна до шестиот бод, додека Брера во моментов има бод помалку.