Лажните билети направиле хаос пред почетокот на финалето на ЛШ

Финалниот натпревар од Лигата на шампионите во саботата започна со 35 минути задоцнување поради тоа што навивачите правеа нереди пред „Стад де Франс“. Голем број од нив се обиделе да влезат на стадионот со лажни билети.

Јасно е дека вакво финале во Лигата на шампионите одамна се очекуваше. Навивачи последен пат имаше во финалето во 2019 година, без никакви ограничувања за влез на стадионот. Покрај тоа, навивачите на Ливерпул имаа голема желба да го гледаат својот клуб во финалето, а дел од нив изгледа се обиделе да го направат тоа по секоја цена.

„Пред натпреварот, портите каде што беа навивачите на Ливерпул беа блокирани од илјадници навивачи кои купија лажни билети кои не функционираа на влезовите. Тоа создаде голема гужва меѓу луѓето кои се обидоа да влезат“, се вели во соопштението на УЕФА.

Европската куќа на фудбалот наведува и дека почетокот на натпреварот е одложен за на трибините да влезат што повеќе луѓе со оригинални билети.