Лазаров: Велат дека среќата се заслужува, веројатно ние сѐ уште не сме ја заслужиле!

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, ги искажаа првичните свои импресии по нерешените 29-29 попладнево со Австрија. Лазаров вели дека може да сме среќни што освоиле бод, но и во истовреме да жалат за тоа што пропуштиле шанса за водство во самата завршница по промашениот пенал на две минути пред крајот.

„Првите импресии се поделени, може да бидеме среќни затоа што постигнавме гол, но може да бидеме незадоволни затоа што промашивме пенал за водство. Ако постигнавме гол, ќе бевме во предност, но тоа е во моментов, не нè следи среќата. Велат дека среќата ги следи тие што ја заслужиле, најверојатно не сме ја заслужиле сè уште. Горд сум на момците затоа што одиграа егал натпревар, покажаа дека знаат да играат против една ‘досадна’ Австрија, која знае што сака во секој натпревар. Сепак, не паднавме психолошки, бевме точни и реализаторски расположени, но не знаевме да одговориме во одбраната ‘седум на шест’. Исто така, очекував нашите голмани да бидат подобри, иако досега имаа коректен турнир. Задоволен сум, но жалиме за Унгарија и Австрија“, кажа Лазаров.

Лазаров откри дека дел од репрезентативците имале и здравствени проблеми.

„Митревски денеска беше под температура, Јагуриновски остана во хотел, Костески исто така имаше проблеми. Како е за сите, така е и за нас, имаме состав и ќе се обидеме за два дена да одиграме уште еден квалитетен натпревар“, вели селекторот.

Утре е слободен ден за селекциите од групата во Вараждин и репрезентативците ќе ја искористат да се одморат и да ја започнат подготовката за дуелот со Катар в четврток.