Лазаров ги избра адутите за Светското првенство

Македонскиот селектор Кирил Лазаров денес го објави поширокиот список ракометари за Светското првенство кое во јануари идната година ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка. На списокот на Лазаров се најдоа 35 ракометари, од кои поголемиот дел играат во домашното првенство.

Единствените тројца повикани интернационалци се Мартин Томовски од германски Потсдам, Филип Талевски од Бенфика и Мартин Карапалевски од Ваљадолид. Македонија на СП 2025 е во група со Холандија, Унгарија и Гвинеја.

Избраниците на Лазаров ќе го отворат Мундијалот на 15 јануари против Унгарија, по што следуваат дуелите со Холандија (17 јануари) и Гвинеја (19 јануари). За македонската ракометна репрезентација, која натпреварите од групната фаза ќе ги игра во Вараждин, ова ќе биде деветто учество на светските првенства, а седмо едноподруго.