Лазаров го објави дефинитивниот мундијалски список, повикани само ракометари од домашните клубови

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров денеска го соопшти списокот на ракометари за настап на Светското првенство што во јануари ќе се одржи во Хрватска, Данска и Норвешка. Сите повикани играчи се од домашното првенство, односно од три клубови Алкалоид, шампионот Еурофарм Пелистер и од Вардар.
На списокот на Лазаров немаше место за долгогодишниот репрезентативец Филип Талески. Членот на Бенфика не беше повикан ниту за претходниот собир за дуелите со Естонија и Литванија во евроквалификациите. Голманот Мартин Томовски од германски Потсдам доби статус на резерва и не е на првичниот список.
На голманските позиции освен капитенот Никола Митревски ќе конкурираат и Марко Кизиќ и Иван Галевски. Леви крила се Петар Атанасијевиќ и Иван Џонов, а од спротивната страна се повратникот Ненад Костески и Александар Петковски. На десната бековска позиција повикани се Томислав Јагуриновски, Мартин Велковски и Мартин Серафимов. На центарската позиција конкурираат Марко Митев и Игор Ѓорѓиев, а како леви бекови повик добија Филип Кузмановски и Павле Атанасијевиќ. Лазаров повика четворица пикери, Жарко Пешевски, Милан Лазаревски, Валентин Карасманакис и Марко Стојковиќ, додека повик има и за двајца дефанзивци Никола Маркоски и Михајло Младеновиќ.