Лазаров: Колку и да се добри – тешко е со дваесет минути играч помалку и дванаесет седмерци!
Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров по крајот на натпреварот против Холандија и првиот пораз (37:32) на Светското првенство беше незадоволен од текот на натпреварот и се она што се случуваше на теренот. Тој нагласи дека е тешко да се одигра натпревар во кој речиси 20 минути имаш играч помалку, а од друга страна противникот има дванаесет пенали во своја корист.
„Уште вчера кажав дека нè очекува тешка борба и знае да не понесе еуфорија. Знаев што нè очекува, иако се надевав на позитивен резултат. Требаше да ја искористиме таа позитивна атмосфера и самодовербата што ја имаа играчите. Но, не секогаш, пресметките се исти дома и на пазар што се вели. Секој натпревар е различен. Натпреварот излезе тотално надвор од контрола. Личеше на сè, само не на еден меч од Мундијал, на официјален меч на Светско првенство. Колку и да не сакам да зборувам и да се правдам поради нешто, но ривалот имаше дванаесет пенали.
Колку и да е подобар противникот, тешко е како тренер да се води тимот со дванаесет пенали против вас. Ние имавме скоро дваесет минути со играч помалку. Тешко е да се браниш со оглед на нивната игра, седум на шест, а особено со играч помалку. Ако не дадеш гол, веднаш ти даваат, тоа е скоро па сигурно, а дури и кога си комплетен имаш проблем. Им реков на момците дека мора да се бориме, повеќе пати го кажав тоа. Брзите контри на Холандија и играта со брз центар се неодбранливи, на чело со организаторот Стеинс. Се обидовме и бевме близу. Направивме грешки во првиот дел кој им дозволи да направат разлика. Пробавме со фластер на Стеинс, пробавме и да се вратиме и назад со плитка зона, едноставно се обидовме со сè.
Црвениот картон на Петар беше многу важен момент , тој е неискусен играч, има само 21 година и во таа ситуација мораше да го остави противникот. Џонов добро го замени, одигра доста интелигентно. Сепак, со толку исклучувања и пенали тешко можевме да дојдеме до позитивен резултат. Сега ни останува да се подготвиме за Гвинеја и да го добиеме тој натпревар“, рече селекторот Лазаров.
Средбата со Гвинеја се игра в недела во 20:30 часот, а нашите ракометари се во добра позиција и сопобеда ќе се пласираат во втора фаза и ќе пренесат бод од првата рунда.