Лазаров: Литванија е сериозен тим, ни следи врвен меч

Македонија ги одработува последните подготовки за последниот квалификациски меч од циклусот за Европското првенство (ЕП). И тоа клучен, затоа што е со директниот ривал за второто место Литванија.
Селекторот Кирил Лазаров, кој го прославува 45. роденден непосредно пред средбата во Скопје, истакна дека Литванците се доста незгоден ривал и мора да се има сериозен пристап исто како протов Естонија во Талин.
„Треба да бидеме максимално спремни за овој дуел, но и претпазливи. Литванската репрезентација уште кога заминавме да играме таму, целата македонска јавност мислеше на кошарка, затоа што на тоа ти доаѓа асоцијација кога ќе кажеш Литванија. Но, не е така. Се работи за сериозна репрезентација, има искусен селектор кој има водено екипа од Лигата на шампионите. Има искусни играчи кои играат и играле во добри екипи. Амбициозна нова федерација и нова раководна гарнитура. Очекувам со Литванците еден врвен меч, класен меч, со добар и квалитетен ракомет и од наша и од нивна страна. Нема да биде воопшто лесно, но ние се подготвуваме и го анализираме противникот“, изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Македонија и Литванија се игра во СЦ „Јане Сандански“ на 11 мај со почеток од 18:00 часот.