Лазаров: Многу сум претпазлив за она што следи во недела

Ракометниот клуб Алкалоид во недела на 30 март во салата „Автокоманда“ со почеток од 19:00 часот ќе игра важен меч против Минаур Баја Маре (Романија), за место во полуфиналето во рамки на Европскиот Куп на ЕХФ. Лазаров пред реваншот со Баја Маре: Многу сум претпазлив за она што следи во недела.
Првиот натпревар во Романија заврши нерешено 31-31 па екипата на Кирил Лазаров во Скопје ќе игра за пласман меѓу најдобрите четири екипи во ова натпреварување.
На прес-конференција пред натпреварот, тренерот на Алкалоид изјави дека овој меч е од големо значење за македонскиот ракомет и спорт и доста претпазливо ќе влезат во реваншот.
-Многу сум претпазлив за она што следи во недела. Ќе се обидеме да одиграме еден квалитетен натпревар. Секој нивни старт (во првиот натпревар) беше на раб на исклучување, а само двапати добија исклучување. Мора да вложиме додатен напор за да се пласираме во полуфинале. Очекувам поддршка од навивачите, изјави Лазаров.
Максимално се подготвуваме за натпреварот против Баја Маре и се надевам на позитивен резултат и пласман во полуфиналето, изјави на денешната прес-конференција ракометарот на Алкалоид, Марко Стојковиќ пред реванш дуелот против романската екипа во четвртфиналето од Европскиот Куп на ЕХФ.
-Ја повикувам публиката да дојде во голем број и да ни даде поддршка, за на крајот заедно да славиме, порача Стојковиќ.
Дуелот се игра на 30 март во салата „Автокоманда“ во Скопје со почеток од 19:00 часот.
Победникот од овој дуел ќе игра полуфинале против подобриот од дуелот Олимпијакос – Рунар.