Лазаров: Можеби ова е нашата реалност
Ракометната репрезентација на Македонија, го доживеа и третиот убедлив пораз на Светското првенство. Екипата предводена од селекторот Кирил Лазаров беше немоќна во дуелот со Аргентина која издвојува победа со резултат 35:26.
Македонската селекција сега се сели во градот Плоцк каде ќе игра на Президент купот, и ќе разигрува за конечен пласман на првенството.
Селекторот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, на официјалната прес-конференција после натпреварот со Аргентина , не го криеше незадоволството од прикажаната игра и конечниот резултат.
„Честитики до Аргентина на заслужената победа. Можеби ова е нашата реалност во моментов. Видовме дека Македонија со осум млади играчи, кои дебитираат на едно големо првенство, ќе мора многу да работи за да се подобри. Очекував дека е можно да имаме три порази, но не очекував дека ќе ги губиме натпреварите со толкава разлика. Не сум задоволен од прикажаните игри, и ќе мора да се подобриме ако сакаме да направиме нова генерација која ќе остварува добри резултати како поранешните играчи“, вели Лазаров.