Лазаров: Мора да сме задоволни, иако мислам дека можевме повеќе!
Франција ја продолжи серијата победи на Светското првенство и главната фаза ја заврши со сигурен триумф над Македонија од 32:25. Средбата во Вараждин донесе повеќе возбудувања од очекуваното, затоа што храбрата Македонија одлично му парираше на големиот фаворит и достојно се прости од овој шампионат.
Селекторот Кирил Лазаров во микс-зоната ги искажа своите први впечатоци од поразот од Франција и од одиграниот турнир.
„Мислам дека треба да бидеме задоволни. Јас очекував тежок натпревар, затоа што се работи за противник како Франција. Воопшто не нè потценија, можеби не играа во 100%, туку во 90%.
Први импресии… еден квалитетен натпревар со висок ритам, повисок од оној со Франција. За нашите играчи ова е големо искуство, да се игра против ваква Франција. Со нив игравме и на Европското првенство во Германија, но сменивме многу работи од тој дуел. Воопшто не беше лесно да се прати тој ритам кога даваш гол, а одма враќаат. Ни треба и многу измени, а уште немаме таков концепт на играчи за да играме така. Ние имаме одлични работи и предности, меѓутоа и маани и дефекти, кои екипа како Франција ќе ги казни. Жал ми е за промашените три пенали во првиот дел, а мислам дека доаѓавме и до чисти позиции каде не дававме голови. Меѓутоа, ова е шести натпревар, шести дуели и да го играш против Франција не е лесно и треба да сме задоволни. Во еден момент гледавме табела, ги броевме бодовите, одземавме на Австрија, на Унгарија…
Ова е едно големо искуство за нас, еден добар турнир, треба да сме задоволни и да научиме доста лекции. Ова е едно големо искуство за младите играчи, носејќи се со вакви ѕвезди и ведети кои секоја година освојуваат по повеќе титули, а ние доаѓаме од една мала Македонија, од македонската Суперлига. Честитки до сите играчи, до стручниот штаб, од прв до последен. Мора да сме задоволни, со една мала горчина дека можевме повеќе. Но, знаете, треба да верувате во тие работи, а ние не верувавме. Благодарност до целата јавност за поддршката во текот на целиот шампионат“, рече селекторот.
Од групата 2 во следната фаза патуваат Франција како лидер и Унгарија која се пласираше на второто место со седум бода. Трета заврши Холандија со пет бода, па следува Македонија со еден бод помалку.