Лазаров на СП во Египет постави неверојатен рекорд!
Македонија на стартот на Светското ракометно првенство беше поразена од Шведска со 32:20, а на тој натпревар Кире Лазаров го запиша своето име во историјата.
Легендарниот ракометар стана првиот играч кој постигнал погодок на светско првенство во четири различни децении. Интересно, првиот погодок на светско првенство го постигна во Каиро, исто како и синоќа. Тој против Шведса постигна пет погодоци од десет упатени удари кон голот.
Првиот погодок во својата кариера, Лазаров го постигна на СП 1999. година како 19-годишен во победата против Саудиска Арабија. На наредните четири светски првенства нашата репрезентација не настапуваше, па се врати во Хрватска во 2009. година. Тогаш, Лазаров го сруши рекордот на светските собири со 92 погодоци.
По тоа првенство, Македонија настапи на четири од петте светски првенства, а Лазаров и во 2017. година беше најдобар стрелец со 50 погодоци.