Лазаров: Не се победува бундеслигаш со толку многу промашувања

Ракометарите на Алкалоид и во реваншот од квалификациите на Лига Европа загубија од Хановер со 29-28.
Македонскиот претставник со двата пораза ги заврши натпреварите во елиминациската фаза, па сега остануваат само домашните натпреварувања.
„Честитки за Хановер, заслужено победија. Разочаран сум бидејќи на двата натпревара промашивме вкупно девет удари од шест метри. Со ваква статистика невозможно е да се совлада екипа што игра во Бундеслигата. Знаевме дека Хановер е поквалитетен тим, но ова е премногу. Хановер е противник кој победува екипи како Магдебург или Фуксе Берлин, тогаш е јасно колку беше тешко со ваква статистика“, изјави по натпреварот тренерот на Алклаоид Кирил Лазаров.
Жестоко беше на теренот, особено како што истакна и тренерот на гостите Кристијан Прокоп дека нивна цел била две победи на двата дуела.
„Сакам да им честитам на Хановер за победата и да им посакам среќа во групната фаза на ЕХФ Европската лига. За жал, за нас европската авантура завршува тука и нашиот фокус ќе биде насочен кон домашните натпреварувања“, изјави капитенот на Алкалоид Игор Ѓоргиев.
Пред почетокот на натпреварот Алкалоид – Хановер, на македонскиот тим му беше предаден пехарот од ЕХФ за освоениот Европски куп од ланската сезона.