Лазаров објасни зошто не ги повика Митревски и Талески во репрезентацијата

Селекторот на машката ракометна репрезентација Кирил Лазаров даде одговор за отсуството на овој список пред квалификациите за пласман на ЕП, а тоа се Никола Митревски и Филип Талески.

Искусниот голман и членот на Бенфика не се најдоа на списокот на ракометари за дуелите со Естонија и Литванија закажани за 6 и 10 ноември.

„Ние започнавме еден процес на подмладување на репрезентацијата и истиот мора да се доврши. Мислам дека се појавуваат нови играчи, млади и добри кои во своите клубови покажуваат квалитет и ги носат нивните екипи до добри резултати. Од никого не се откажуваме, напротив имаме потреба од играчи. Сепак радува фактот што имаме можност да бираме. Сите ќе бидат во комбинација за настап за СП кое се игра во јануари.

Што се однесува до Никола Митревски, мислам дека имаме млади, квалитетни голмани кои треба да добијат шанса. Да видиме како ќе се однесуваат кога ќе имаат поголема одговорност и зад нив нема еден голем голман од калибарот на Митревски. Сакам да видам како тоа ќе изгледа на овие два натпревари.

Кога е во прашање Талески, тој е квалитетен, добар играч, но во последно време на Европското и Светско првенство и на другите официјални натпревари мислам дека не покажа доволно квалитет, во доволно квалитетно издание. Затоа се решив во моментов да дадам шанса на други играчи, како што е Павле Атанасијевиќ. Можеби малку ќе го промениме концептот на игра, ама тоа не значи дека во иднина нема да биде повикан. Тоа е моја одлука, идејата е да создадеме квалитетна репрезентација, да пробаме да бидеме компетитивни со најдобрите. Дали ќе успееме…но мислам сме на добар пат“, рече Лазаров кој не ги во ниту еден момент не ги потценува Естонија и Литванија.