Лазаров: Португалија овде дојде по медал, но го нема квалитетот на Данска!

Македонската ракометна репрезентација по натпреварот со Данска и поразот на стартот на Европското првенство, сега веќе размислува за следниот натпревар со Португалија.

Селекторот Лазаров, на денешната средба со новинарите, зборуваше и за следниот противник.

„Португалија е одлична селекција и тука дојде да се бори за медал. Сепак, не е на нивото на Данска. Мораме да бидеме позитивни и реални и да се обидеме да одиграме подобро од вчера. Сите посакуваме изненадување, но мора да стоиме цврсто на земја и да бидеме компетитивни. Португалија е фаворит, цела ноќ се занимавам со нив, како и минатите шест месеци. Нивните апетити пораснаа, мислат дека можат дури и до медал. Ќе се обидеме да им го пореметиме планот“, рече Лазаров.
Селекторот зборуваше и за тоа како ги поминуваат ноќите подготвувајќи се следните противници:

„Ноќите за тренерите на големите натпреварувања се непреспиени. Мораме да сработиме и тоа што било, и тоа што ќе биде. Дали можеше подобро или полошо не се прашуваме само ние. Се прашува Данска и така е против секоја репрезентација. Тие се спремаат да бидат европски прваци и можеш да ги изненадиш 5-10 минути. Ова е едно големо искуство за сите нас и треба побрзо да го заборавиме овој натпревар“, заврши Лазаров.

Македонија својот натпревар со Португалија го игра утре од 18:00 часот во Хернинг.