Лазаров: Посакувам вака борбени да бидеме и на Мундијалот

Македонската ракометна репрезентација одигра добар натпревар против Хрватска, синоќа во Вараждин. Нашите момци во овој тест меч беа совладани со два гола разлика, но до пред самиот финиш беа рамноправен противник.

„За мене најважно е дека се изборивме против една силна репрезентација, која има силни индивидуалци и е домаќин на Светското првенство“, вели селекторот Кире Лазаров.

„Им честитав на момците, не се предадовме, се боревме до самиот крај, игравме пред 5.000 Хрвати кои добро го познаваат ракометот. Оваа борбеност треба да ја задржиме, ова го трениравме. Мора да бидеме борбени до самиот крај бидејќи во Вараждин ќе дојдат голем број на навивачи, не смееме да ги предадеме нив. Можеме да загубиме од подобар противник, но не смееме да ги предадеме нив, тие ќе дојдат и ќе одвојат средства“, изјави Лазаров по мечот.