Лазаров: Почнуваме ново поглавје, спремни сме за Данска

Утре Македонија ја очекува првата од двете средби со селекцијата на Данска во проролжението на квалификациите за Европското првенство. Нашата репрезентација е подготвена за предизвикот, а новиот селектор Лазаров вели дека е задоволен од она што го одработија на подготовките.
„Мислам дека сме подготвени, имавме доволно време. Не случајно ги почнавме подготовките два дена порано. На време и се комплетиравме, последен се приклучи Пешевски во вторникот, останатите интернационалци во понеделникот. Мене ми е познат овој ритуал на подготовки, толку време имаат и останатите репрезентации, ние максимално го искористивме. Имавме добри услови и можам слободно да кажам дека добро сме подготвени. Играме против светскиот првак, актуелниот сè уште олимписки шампион. Мене и на играчите ни е чест, што можеме да отвориме едно ново поглавје на македонскиот ракомет почнувајќи со, можеби најдобрата репрезентација на денешницата. Спортски е да се надеваме. Како селектор и како капитен доделив јасни, конкретни улоги, играчите добија можеби и премногу информации за кратко време. Јас мислам дека комплетната слика на оваа нова Македонија која треба да биде ќе ја имам по двата натпревара со Данска. Како што реков, спортски е да се надеваме, ќе веруваме и ќе се бориме докрај, меѓутоа од друга страна знаеме и треба да бидеме реални дека, сепак, Данска е можеби најдобрата светска репрезентација во моментов. Од она што го видовме во видео сесиите, повеќе од десетина, покрај тоа што ја анализиравме Данска, научивме и некои нови работи, дури и јас, кој сум многу долго на високо ниво во ракометот. Навистина беше задоволство за играчите да гледаме, да анализираме и да се подготвуваме за нив, но и да научиме нови работи. Видовме дека не случајно се и 2019 и 2021 светски и актуелни олимписки прваци“, вели нашиот капитен и предводник на оваа генерација.