Лазаров пред Словенија: Тие се фаворити, но ние не излегуваме со бело знаме

Македонските ракометари вчера пристигнаа во Дебрецин, каде веќе утре на премиерата на новото Европско првенство против Словенија ќе го одиграат и првиот меч на шампионатот.

Веќе денеска на брифингот со новинарите селекторот Лазаров и дел од ракометарите зборуваа за очекувањата од првиот меч со Словенија.

„Словенците се одлични, имаат неверојатни ракометари кои играат во големи екипи. Тоа е колектив предводен од добар селектор, со изградени играчи и Врањеш има задача да поработи само на ситни детали. Ние сме Македонија, знаеме како сме поставени и како функционираме. Нема да излеземе со бело знаме, иако имаме респект кон Словенија која е фаворит. Тие се екстра-квалитетна репрезентација. Словенците се играчи кои ако имаат свој ден, што и да направиме можат да не победат. Јасна е ситуацијата, имаме желба да одиме во вториот круг и тоа би бил огромен успех. Ние добивме тешка група со Данска, Словенија, па дури и Црна Гора. Ќе се стремиме кон целта, но мора да сме спремни на сè и да бидеме реални. Македонија е во транзиционен период и мора да бидеме трпеливи за да изградиме репрезентација која достојно ќе ја замени претходната генерација. Не сакам да правам притисок врз играчите, напротив, знаеме што сакаме и сме спремни, а дали тоа ќе биде доволно ќе видиме утре на теренот“, изјави Лазаров.