Лазаров: Свесно сакавме да играме на гости против силна репрезентација како Австрија

Македонската ракометна репрезентација ја очекува пријателски натпревар против Австрија на гостински терен во Брегенц на 21. март од 18:00 часот. Ова ќе биде „филтер“ пред баражот за пласман на Светското првенство идната година со победникот од дуелот помеѓу Украина и Словачка.
Селекторот Кирил Лазаров напомена дека тестот со Австрија ќе биде добра подготвка за неговите избраници, и на овој натпревар ќе се пробуваат некои нови ракометари и нови варијанти, а исто така и резултатот ќе биде важен.
„Треба да бидеме задоволни затоа што со настапот на Европското првенство го избегнавме првиот бараж, така ќе имаме шанса порекалсирано да пробаме нешто и некои нови играчи кои во иднина би можеле да придонесат. Австрија е квалитетен противник, секако дека нема да одиме да изгубиме, сакаме да победиме, но резултатот нема да е во прв план, ќе пробаме работи што можеби би ги користеле во баражот.
Во баражот Македонија ќе игра против подобриот од дуелот помеѓу Украина и Словачка.
„Го чекаме тој двобој да видиме како ќе заврши за да можеме квалитетно да се подготвиме. Кога е репрезентацијата во прашање во секој момент треба да се искористи да се даде шанса на некој нов играч да видиме дали би можеле да го користиме на големи натпреварувања со силни противници. Избравме силен тим на гостински терен затоа што првиот натпревар го играме на гости и тоа ќе биде една добра и ментална подготвка. Австрија правеше проблеми и на многу посилни репрезентации од нас како на Европското првенство, така и на минатиот Мундијал“, истакна Лазаров.
За Лазаров не е премногу важно кој ќе биде нашиот противник, а очекува неизвесна битка помеѓу нашите потенцијални противници.
„Од материјалите што гимаме на хартија Украина е фаворит, но до последен момент мислам дека нема да го знаеме противникот, двете репрезентации играат различен ракомет. Наше е да се подготвиме, нема да биде лесно, ќе бидеме во улога на фаворити, не сме навикнати да имаме една таква улога. Најважно е да посакаме да бидеме здрави, има многу време и многу натпревари за ракометарите во клубовите, па затоа сакаме пред се сакам сите да сме здрави“, заврши селекторот.
Ова ќе биде единствениот тест на нашата селекција пред мундијалскиот бараж во мај против подобриот од двомечот на Украинците и Словаците.