Лазаров: Словенија е меѓу осумте најдобри екипи во светот

Селекторот на машката ракометната репрезентација, Кирил Лазаров, изјави дека Македонија е подготвена за двомечот со Словенија во евроквалификациите и најави голема борба против исклучително силниот противник.

„Сите билети се распродадоа во еден ден, тоа докажува дека нацијата е желна за квалитетен ракомет. Се соочуваме со сериозен противник кој неодамна играше полуфинале на Олимписки игри и беше петтопласиран на последното Европско првенство.

Словенија секогаш има високи амбиции, имаат специфичен стил на игра со одлична тактика и техника. Ќе пробаме максимално да го искористиме периодот за подготовка и се надевам дека ќе се прикажеме во одлично светло.

Нема да биде воопшто лесно, можам слободно да кажам дека Словенија е меѓу осумте најдобри репрезентации во Европа и во светот. Ќе одработиме три тренинзи и ќе се спротивставиме на најдобар можен начин.

Мора да се бориме до крајот, исто како на мечевите на Мундијалот. Веруваме во позитивен резултат, до него можеме да стигнеме само со голема борба и пожртвуваност во играта. Ако одиграме на нашето најдобро ниво, мислам дека можеме да ја оствариме целта.

Имаме млада и полетна екипа која одигра одлично на Светското првенство. Треба да ги повториме тие настапи и да не отстапуваме од нашиот стил“, изјави Лазаров.

Првиот натпревар помеѓу Македонија и Словенија ќе се одигра на 12 март во Скопје, а возвратниот дуел е закажан за четири дена подоцна во Копер.