Лазаров: Со труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот!

Најдобрата ракометна репрезентација на Македонија пак ќе биде доста актуелна на стартот на една календарска година, но уште пред да дојде до било какви анализи за настапите на националниот тим во Хернинг, Федерацијата се одлучи за чекор кој носи голема стабилност во соблекувалната.
Откако Кирил Лазаров ги објави патниците за настап на Европското првенство, Ракометната Федерација на Македонија ја извести јавноста дека двете страни продолжуваа со иста визија, па така селекторот од денес има нов договор.
„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка.
Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, рече селекторот.
Оваа вест е најдобрата можна за добро планирање и мир пред претстојното Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка.