Лазаров: Треба да бидеме внимателни, посакуваме со победа да го освоиме трофејот

Ракометарите на Алкалоид се подготвуваат за реваншот натпреварот од финалето на Европскиот куп против АЕК, а македонскиот тим со позитивниот резултат од првата средба е многу блиску до историски успех и прв европски трофеј во клупската историја.
На прес-конференцијата која беше одржана денес клубот од Автокоманда го најави натпреварот против грчкиот ривал, а тренерот Кирил Лазаров зборуваше за првата средба, но и за очекувањата од дуелот кој следува во недела.
„Одигравме еден одличен натпревар во Атина, можам слободно да кажам резултатски за мене и неочекувано имаме голема предност во пресрет на реваншот. Момците беа на висина на задачата и мислам дека со голема предност влегуваме во реваншот со АЕК. Од една страна сум претпазлив поради нашиот менталитет, во тимот имаме 19 Македонци, но од друга страна чувствувајќи ја атмосферата веројатно треба порелаксирано да го дочекаме овој натпревар и да уживаме во него.
Ќе се обидеме со стручниот штаб повторно да ги растовариме играчите од притисокот и да ги релаксираме, а поради тоа еден ден пред средбата ќе одиме и во карантин, не сакам да бидат под притисок и во недела да го дадат најдоброто од себе. Работевме и на одредени грешки од првата средба и подготвени го очекуваме реваншот, се надевам дека овој млад состав нема да се изгуби поради големата поддршка во салата.
Мислам дека не потценија малку и не очекуваа дека нема да подлегнеме на тој притисок таму, па сега потрезвено ќе настапот во недела. Нашиот систем функционира и покрај слабостите, ни недостасуваат и неколку играчи, но така функциониравме и досега“, изјави Лазаров.
Натпреварот меѓу Алкалоид и АЕК се игра во недела од 20:30 часот, а македонскиот претставник на првата средба победи со 29-25.