Лазаров: Треба да ја заборавиме Унгарија, Холандија е селекција која не ни одговара!
Селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров целосно се фокусира на утрешниот предизвик против Холандија во рамки на второто коло на Светското првенство. Турнирот го почнавме добро со реми против фаворитот Унгарија иако имавме големи шанси и да го освоиме цел плен и да почнеме со победа во рамки на групата Д.
„Мислам дека треба да бидеме навистина задоволни и нема за што да жалиме. Треба да го заборавиме натпреварот со Унгарија и со една позитивна мисла да одиме напред. Треба да бидеме свесни дека и покрај добриот резултат, можеше да биде и подобро, но да не бараме ‘леб преку погача’. Треба да бидеме задоволни и да се фокусираме на она што ни претстои, веќе утрешниот натпревар со Холандија и следните натпревари“, изјави Лазаров.
„Лалињата“ се селекција која можеби го игра најбрзиот ракомет во светот и според тоа Лазаров смета дека се понезгоден противник за Македонија од Унгарија. Но добрата атмосфера и самодовербата кај играчите треба да се надополни со нов добар натпревар во Вараждин.
„Мислам дека Унгарија е поцврста репрезентација, но мислам дека Холандија е репрезентација што помалку ни одговара според стилот на игра. Тоа е репрезентација што игра брз ракомет, има ритам во текот на сите 60 минути, не дека Унгарија го нема, напротив исто така го има, но дека со тоа што правеа повеќе измени ни даваа повеќе опции. Затоа јас сум максимално фокусиран, гледајќи да не ги оптоварувам премногу момците, затоа што се во една добра атмосфера, можам да кажам дека имаат и добра самодоверба, подржани од нашите навивачи, кои се надевам дека утре ќе бидат во уште поголем број. Треба да го искористиме тоа утре“, додаде македонскиот селектор.
Македонија и Холандија утре својот натпревар од 2.коло во групата Д на Светското првенство го играат со почеток од 18:00 часот.