Леброн Џејмс стана милијардер

Според пишувањата на американските медиуми, кошаркарската суперѕвезда Леброн Џејмс стана шестиот спортист кој во текот на кариерата заработил повеќе од милијарда долари.

Џејмс до заработка од над милијарда долари стигна со приходите од својата прва актерска улога која ја оствари во филмот „Спејс Џем“, кој минатиот викенд започна со прикажување во кино салите.

Според проценките, актуелниот играч на Лос Анџелес Лејкерс во текот на своите 18 години поминати во НБА заработил 330 милиони долари, додека 700 милиони заработил од спонзорства и бизнис вложувања.

Пред Џејмс, заработка од милијарда долари надминале Тајгер Вудс, Флојд Мејведер, Роџер Федерер, Кристијано Роналдо и Лионел Меси.