Легендарниот Ригоберт Сонг нов селектор на Камерун

Ригоберт Сонг е назначен за селектор на фудбалската репрезентација на Камерун, објави Ројтерс. Поранешниот капитен на оваа репрезентација  го наследува Тони Консеисао, а промената доаѓа на само три недели пред клучниот натпревар од плеј-офот за пласман на СП 2022 против Алжир.

Првиот натпревар е на 25 март, а реваншот е на 29 март. 45-годишниот Сонг има 137 настапи за репрезентацијата на Камерун, која учествуваше на четири Светски првенства и на осум турнири на Африканскиот куп на нации. Досега беше тренер на младинската репрезентација на земјата до 23 години. Ригоберг Сонг во својата фудбалска кариера има настапувано за англиски Ливерпул и Вест
Хем, како и за клубови од Франција, Германија, Италија и Турција.

Тони Консеисао го предводеше Камерун до бронзен медал на Африканскиот куп на нации на почетокот на февруари, но фудбалската федерација на оваа земја не беше задоволна и реши да ја прекине соработката со португалскиот стручњак.