Леонардо Бонучи се враќа во Јувентус

По враќаето на Џорџо Киелини во Јувентус, уште една клупска легенда е на пат да се врати во Торино и тоа Леонардо Бонучи. Како што пренесува угледниот „Тутоспорт“, поранешниот дефанзивец е многу блиску до приклучување кон стручниот штаб на „старата дама“ за следната сезона.
Според информациите, Бонучи, Киелини и спортскиот директор на Јувентус, Кристијано Џунтоли, имаат заедничка визија за иднината на клубот, а тоа било потврдено и за време на нивната вечера во Рим оваа недела. Киелини веќе е дел од структурата на клубот, но ќе добие нова функција, дел од задачите што досега ги извршуваше Франческо Калво, кој го напушти клубот.
Бонучи во овој момент работи како асистент во младинската репрезентација на Италија до 20 години, но според насоките од раководството на Јувентус, неговата тренерска кариера наскоро ќе добие нов правец.
Од завршувањето на својата играчка кариера, Бонучи активно работеше на стекнување лиценци и дополнителна едукација, а сега изгледа дека е време за практична примена на тоа знаење во клубот каде што остави неизбришлив белег.