Леонардо: Заминувам од ПСЖ, но Мбапе не е причината

Леонардо зборуваше за прв пат откако беше отпуштен од клубот. Според некои информации, Килијан Мбапе поставил услов Бразилецот да си замине за да потпише нов договор. Набргу по објавувањето на новиот договор на играчот, Леонардо бил информиран дека повеќе нема да биде дел од клубот.

Запрашан дали има врска меѓу договорот на Мбапе и отказот, тој одговори: „Не. Беше крај на сезоната и можеби беше време да се решат работите за иднината. Не ми е кажано дека моето заминување е услов Мбапе повторно да потпише, но не сакам да навлегувам во оваа тема. Фактот дека успеаја да го задржат овој фудбалер, кој е Французин, Парижанец, е важен за ПСЖ и Лига 1“.

Леонардо не откри какво објаснување му дале од ПСЖ: „Некои работи остануваат внатре во клубот. Кога клубот сака да се ослободи од вас, нема пријатен начин да ви каже. Сакав да останам, но разбирам дека овие работи се случуваат. Јас сум прагматичен. Три години во фудбалот се многу време. Заминувам без горчина. Искрено, без горчина. Имам мои ставови, но сега не е време да го отворам срцето. Време е да им се заблагодарам на Катар и Париз што ми ја дадоа оваа можност и не го правам тоа од популизам“.

Својот престој во клубот Бразилецот го оцени вака: „Можевме подобро, секогаш можеме подобро. Но, поминавме низ два различни периоди. Првиот во 2011 година беше во изградба, почнавме речиси од нула. Имавме можност да направиме нешто несекојдневно. Идејата беше да се изгради нешто. Вториот период ПСЖ веќе имаше добар тим. Тогаш дојде време за промена и стигнавме до финалето на Лигата на шампионите. Достоинствено загубивме од Баерн. Следната година отпаднавме од Манчестер Сити. Ако ги погледнете играчите што ги регрутиравме, кој го доживеал ова? Селекцијата беше неверојатна. Мислам дека тоа беше поврзано со коронавирусот. Обично такви играчи не се достапни. Да победевме против Реал…“