Лесна победа на Еурофарм Пелистер во пелагониското дерби

Првакот Еурофарм Пелистер има причини за задоволство. Го победи Прилеп и пак на теренот се вратија повредените Хаидарирад и Ристевски, Битолчани славеа убедливо на гостувањето кај Прилеп со 25-40 (12-21), во натпреварот од десеттото коло на Суперлигата.
Почетокот беше израмнет, домашните први поведоа, ама реакцијата беше брза и гостите стигнаа до 2-4. На тоа домаќинот имаше одговор, со 3-0 успеа пак да поведе со 5-4, ама тоа беше последна предност. Пелистерци се консолидираа, го презедоа приматот и до полувремето предноста почна да расте. Со три мини-серии од по 0-3 битолчани се одлепија, па на одмор се замина со 12-21.
На отворањето на вториот дел првпат беше пробиена двоцифрената маргина (12-22). Прилепчани успеаја да парираат уште десетина минути, најблизу пријдоа на „минус шест“ (17-23) по серија од 4-0, ама тоа беше сè. Пелистерци се наметнаа, влегоа во посакуван ритам и до крајот рутински го решија мечот во своја корист. На крајот шампионот победи со високи петнаесет разлика.
Петар Атанасијевиќ со седум и Мирче Калајџиовски со шест гола беа најефикасни кај Еурофарм Пелистер. В сабота од 17:00 часот тимот на Рубен Гарабаја го пречекува Куманово во единаесеттото коло.