Лесјак: Сами одлучуваме за нашата судбина
Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер го очекува решавачки натпревар за пласман во осминафиналето од Лига Европа против екипата на Мотор Запорожје на домашен терен.
Еден од поискусните поединци во тимот од Битола, голманот Урбан Лесјак, има желба неговите соиграчи да одиграат како на првиот натпревар со истиот противник, кога Еурофарм Пелистер се радуваше на победата.
„Многу е важно што сами одлучуваме за нашата судбина. Имаме шанса да стигнеме и до третото место во групата, што е и наша цел. Екипата на Мотор е искусна, со микс на зрели и млади ракометари. На гостувањето кај нив одигравме еден од подобрите натпревари и сакаме тоа да го повториме пред нашата публика. До следната сабота не очекуваа четири натпревари и мораме да имаме голем ростер, а играчите кои почнуваат од клупа да внесат свежина“, истакнува Лесјак.
Натпреварот помеѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје се игра вечерва во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.