Лејкерси го пратија Брони во развојната лига

Брони Џејмс дебитираше во НБА лигата како член на Л.А Лејкерс и му ја исполни желбата на својот татко ЛеБрон, но реалноста е дека тој до крајот на сезоната ќе настапува во развојната лига.

Лејкерс официјално потврдија дека дебитантот се сели во редовите на вториот тим, односно Саут Беј Лејкерс, кој наскоро ја започнува сезоната во Џи-лигата.

Брони не доби сериозна минутажа од тренерот на Лејкерс и зад себе има 13 минути во НБА лигата, но барем ќе биде најплатен играч во развојната лига, при што планот е тој да игра само на натпреварите на домашен терен.

Синот на ЛеБрон заработува речиси 2 милиони долари по сезона, што е недофатлива сума за останатите играчи во таа лига, а сезонава барем успеа да се запише во историјата, учествувајќи во првиот тандем на татко и син на еден НБА натпревар.

„ЕСПН“ најави дека помладиот Џејмс ќе биде во ростерот на Лејкерс уште за дуелот со Филаделфија, а потоа ќе се пресели во Саут Беј и може да дебитира викендов против Солт Лејк Сити.