Ливаковиќ ја подигна својата цена, Динамо сега бара 15 милиони евра

Доминик Ливаковиќ беше фантастичен и против Бразил. Натпреварот го заврши со 11 интервенции, а одбрани и уште еден пенал во серијата во која повторно Хрватите беа поуспешни. Голманот на Динамо го сврте вниманието кон себе со одличнитe настапи, а сите светски медиуми од ден на ден го селат во друг клуб. Наводно, пред почетокот на сезоната бил во игра трансфер во Лацио, но се пропаднало, па Ливаковиќ останал во Динамо. Пред тоа се зборуваше дека ќе замине во Милан, но никогаш не се реализираше ниту еден трансфер, но сега Динамо многу тешко ќе го задржи. Веќе постои интерес за него, но имињата на клубовите не се откриваат, иако наводно Баерн е клубот кој најмногу го посакува. Досега Динамo бараше околу десет милиони евра за него, но сега сумата сигурно ќе биде поголема. Според хрватските медиуми, Динамо сега бара 15 милиони евра за Ливаковиќ, но тие се во добра позиција бидејќи немаат потреба да го продадат Ливаковиќ.