Лина Ѓорческа поразена од првата носителка во Трнава

Лина Ѓорческа не успеа да ја мине првата пречка (првата носителка) на ИТФ фјучрсот што се игра во W50 Трнава Словачка за награден фонд од 40.000 долари. Таа по голема борба и меч во три сета загуби од Французинката Осеан Додин со 2-1 во сетови (7-5, 0-6, 6-2) за 108 минути игра.

Првиот сет донесе и најмногу неизвесност во текот на мечот. Македонската тенисерка имаше предност до 3:2 во сетови, за потоа противничката да успее да направи брејк во седмиот гем и да поведе со 4-3. Сепак Ѓорческа се врати резултатски со „ри-брејк“ во следниот гем за 4-4. Но, француската тенисерка повторно направи брејк во единаесетиот гем за предност од 6-5, која ја сочува откако го доби и следниот гем за 7-5 во првиот сет.

Во вториот сет Лина Ѓорческа одигра буквално без грешка и со 6-0 го доби вториот сет и со тоа изедначи на 1-1 во сетови. Но, во решавачкиот сет Додин стартуваше со два брејка за водство од 4-0 што беше клучно сетот да го добие со 6-2 во гемови.

Мала утеха за Ѓорческа е што против Додин (115.место ВТА листа) имаше еден поен повеќе освоено (82:81) при ист број на гемови (13-13).

Следната недела Ѓорческа ја очекува настап на W50 ИТФ фјучрсот во Селва Гардена во Италија.