Линделоф ги одби Фиорентина и Евертон – се сели во Астон Вила

Виктор Линделоф се согласил да се приклучи на Астон Вила како слободен играч, откако му истече договорот со Манчестер Јунајтед во јуни. Шведскиот репрезентативец ќе потпише договор на две години со можност за продолжување до 2028 година.
Играчот моментално е на лекарски прегледи, по што се очекува трансферот да биде официјализиран. Астон Вила успеа да го победи интересот од Фиорентина и Евертон, нудејќи му на Линделоф поволни финансиски услови и шанса да остане во Премиер Лигата.
31-годишниот дефанзивец одигра 284 натпревари за Манчестер Јунајтед, освојувајќи го Карабао Купот и ФА купот. Иако во последните сезони се соочуваше со повреди и намалена минутажа, неговото искуство треба да донесе стабилност и лидерство во одбраната на Вила.
Тренерот на Вила, Унаи Емери, познат по тоа што знае да изгради цврсти одбрани, наводно одиграл важна улога во убедувањето на Линделоф да му се приклучи на проектот во Бирмингам. Овој потег е и одговор на заминувањето на Аксел Дисаси и проблемот со длабочината во одбраната.
За Линделоф имаше голем интерес. Фиорентина, каде што сега настапува и неговиот поранешен соиграч Давид де Хеа, беше сериозен кандидат, исто како и Евертон. Сепак, швеѓанецот ја избра понудата на Астон Вила како најдобра опција за продолжување на кариерата.