Линдзи Вон оперирана по деветти пат

Славната американска скијачка Линдзи Вон објави на социјалните мрежи дека оди на нов медицински зафат. Во пресрет на операцијата, која ѝ е деветта по ред, ги сподели своите чувства со следачите. Призна дека е нервозна и вознемирена, но истовремено и возбудена бидејќи се надева дека ова би можело да биде крај на нејзините здравствени проблеми.

Поранешната скијачка шампионка откри дека се надева и се моли ова воедно да ѝ биде и последната операција. Напиша дека за време на самиот зафат сè уште постојат детали што би можеле да се променат, поради што треба да се почека исходот.

„Ова ќе биде мојата деветта операција и се молам да биде последна. Сè уште постојат работи што би можеле да се променат во оперативната сала, па ќе мораме да почекаме и да видиме како сè ќе помине. Ќе ве известувам за мојот напредок кога ќе излезам од салата и ќе закрепнувам“, порача Вон.

Нагласи дека е во најдобрите можни раце и им изрази благодарност на своите лекари, физиотерапевтот, медицинските сестри и на целиот медицински персонал. Вон упати благодарност и до сите што биле со неа во изминатиот период.