Ли Мејсон се повлече од улогата на ВАР-судија по киксот на мечот Арсенал – Брентфорд
Ли Мејсон во 2021 година се повлече од професионалното судење натпревари во Премиер лигата, но после тоа беше дел од ВАР собите и беше главен судија во видео надзорот.
Тоа беше така се до изминатиот викенд, кога искусниот англиски арбитар направи страшен кикс при ВАР прегледот на „Емирејтс“, поради што сега реши и комплетно да се повлече и веќе да нема никаква врска со судењето.
51-годишниот Мејсон денеска ја известил комисијата за професионални англиски судии дека се повлекува од своите активности во ВАР, а сето тоа е резултат на неподвлечената линија поради која беше признат гол на Брентфорд против Арсенал кој значеше израмнување од 1-1.
Жестоките изјави на Микел Артета и сериозниот притисок кој се создаде во јавноста направи Ли Мејсон да биде суспендиран за новото коло во Премиер лигата претстојниов викенд, но вечерва пристигна информација дека веќе тој никогаш повеќе нема да биде дел од ВАР собата.
Асоцијацијата на професионални судии излезе со соопштение и го објави повлекувањето на Ли Мејсон, човек кој цели 15 години ја делеше правдата на фудбалските терени во Премиер лигата.