„Луд“ трансфер период за великаните, а најмногу потроши – Арсенал!
До крајот на летниот трансфер период останаа уште неколку дена, а доколку истиот заврши уште денеска, сигурно ќе биде еден од најспектакуларните во историјата.
Лионел Меси и Кристијано Роналдо ги променија клубовите, а скоро сите големи европски клубови направија големи трансфери и доведоа ѕвезди. Апсолутен „победник“ на трансфер периодот е ПСЖ кој за 76 милиони евра доведе „половина“ екипа. Ашраф Хакими, Данило Переира, Џини Вајналдум, Серхио Рамос, Џанлуиџи Донарума и Лионел Меси се нови играчи на ПСЖ.
Манчестер Јунајтед потроши скоро 150 милиони евра и доведе играчи со кои ќе конкурира за високи цели. Џејдон Санчо, Рафаел Варан и Кристијано Роналдо сезонава го облекуваат дресот на „црвените ѓаволи“.
И додека конкурентите направија одлични трансфери летово, најмногу потроши Арсенал, иако неговите играчи не се ни блиску до квалитетите на оние кои ги доведоа останатите клубови. Микел Артета потроши 147,5 милиони евра, за дури 58,5 милиони го доведе дефанзивецот на Брајтон Бен Вајт. Мартин Одегард е доведен за 35 милиони евра, а за 28 милиони голманот на Шефилд, Арон Ремсдејл. Од Андерлехт пристигна Алберт Самби Локонга за 17,5 милиони, а Нуно Тавареш од Бенфика за 8 милиони евра.