Луис Енрике: ПСЖ од „селска“ лига ги елиминира сите премиерлигаши

Пари Сен Жермен е на еден чекор од остварување на историскиот сон, а тоа е трофејот во Лига на шампиони. Францускиот првак се пласираше во финалето на ЛШ, каде ќе игра против Интер.
Во полуфиналето, синоќа, ПСЖ на свој терен со 2-1 го победи Арсенал и со вкупен резултат од 3-1 ги елиминираше Топчиите. Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике беше пресреќен по победата.
„Има многу емоции. Арсенал играше многу добро. Моравме да бидеме цврсти во одбраната, но ги искористивме можностите за добро контранапад. Беше многу тешко, не го замислувавме натпреварот на овој начин. Моравме да вложиме многу труд за да ги пронајдеме вистинските решенија. Беше тешко, но создадовме неколку одлични шанси. Првото полувреме беше доста тешко за мене. Беше важно да покажам самодоверба. Кога играта не оди онака како што очекувате, вообичаената реакција е да се вратите во одбраната. Всушност, треба да го направите спротивното – да притиснете. Сепак, во првото полувреме беше тешко, многу страдавме“, рече Енрике.
Интересно е дека по групната фаза од ЛШ, ПСЖ заврши дури на 15-тото место на табелата и малкумина веруваа дека овој тим има капацитет да игра во финалето. Сепак, шпанскиот тренер верувал во своите избраници.
„Не се сеќавам точно кога, но по лошиот резултат во Лигата на шампионите, го собрав тимот и им кажав дека сме еден од најдобрите тимови во Европа, но не сме доволно ефикасни. Сепак, им реков да не се грижат и да гледаат напред. Денес беа неверојатни и ова е одличен момент за нашите навивачи. Не можам да го објаснам со еден збор, ние само работиме ден по ден. Првата година направивме добра работа, но тоа не беше доволно. Им реков дека ако не видам поинаков менталитет на тренинзите, ќе си заминам. Оваа година гледаме сосема поинакво ниво, играчите се неверојатни“, потенцира тренерот на ПСЖ.
На крајот Енрике жестоко удри на сите оние кои ги навредуваат француските екипи дека нивната лига е Селска лига.
„Ги победивме сите четири клуба од Премиер лигата со кои игравме сезонава во Лига на шампиони? Па ние доаѓаме од Селска лига, го знаете ли тоа? Ние сме од Лига на Селани“, коментираше Енрике.