Македонија во последните две минути го загуби трилерот со Романија

Македонската кошаркарска репрезентација со пораз ги почна претквалификациите за Светското првенство во 2027 година. Вечерва во Куманово пред полна сала во првиот натпревар од овој циклус, нашите кошаркари беа поразени од Романија со 72-80.
Романците до победата дојдоа во последната четвртина, откако Македонија имаше предност на крајот на сите минати три периоди. Вечерва новиот млад состав на селекторот Илиевски го красеше борбеноста и пожртвуваноста, но немаше искуство за завршниот чин. Искусните Романци во последните две минути направија разлика која на крајот им донесе победа.
Џејкоб Вајли со 28 поени беше најефикасен во нашата репрезентација. Митревски и Мекиќ завршија со по 10 поени. Кај гостите Тохатан заврши со 21 поен.