Македонија ги надигра јапонските „самураји“ во првиот контролен натпревар

Македонската ракометна репрезентација ја отвори серијата контролни натпревари со победа над Јапонија. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров славеа триумф со резултат 29-27 на дуелот одигран во салата во Автокоманда, кој беше од затворен тип. Во натпреварот, кој беше искористен за тестирање на формациите и ротации, Лазаров и јапонскиот селектор Тони Џерона имаа можност да комбинираат и да ги испробаат сите играчи на кои ќе сметаат во продолжението на подготовките.

Вториот пријателски натпревар Македонија и Јапонија ќе го одиграат во сабота, на 1 ноември, во Куманово, со почеток во 16:00 часот. Овие два дуела се дел од подготовките за Европското првенство 2026, кое ќе се одржи во Данска, Шведска и Норвешка. Македонскиот национален тим ќе игра во група со Данска, Португалија и Романија, противници кои ќе бидат сериозен тест за нашите ракометари.

Селекторот Лазаров истакна дека е задоволен од пристапот и ангажманот на ракометарите и најави дека вториот натпревар ќе биде искористен за дополнително усовршување на одбраната и транзицијата.