Македонија домаќин на Европската конвенција за минибаскет

Од 4 до 7 јуни, Скопје ќе биде центар на европската минибаскет сцена, откако Кошаркарската федерација на Македонија, во партнерство со ФИБА Европа и Фондацијата ФИБА, ќе биде домаќин на единаесеттото издание на Европската конвенција за минибаскет.
Настанот ќе собере тренери, едукатори и спортски работници од повеќе европски земји, кои секојдневно работат со најмладите кошаркари и кошаркарки.
Целта на конвенцијата е преку размена на искуства, современи методологии и практични примери да се унапреди работата со децата и да се поттикне нивниот правилен спортски развој. Во текот на четирите дена ќе бидат организирани предавања, работилници и практични демонстрации под водство на реномирани меѓународни експерти. Учесниците ќе имаат можност да стекнат нови знаења и алатки за подобро воведување на кошарката кај најмладите, како и за промовирање на здрави животни навики и спортски вредности.
Практичниот дел од програмата ќе се реализира во спортската сала „Лазар Лечиќ“, додека завршницата ќе биде одбележана со голем минибаскет фестивал на Кејот на Вардар.
На фестивалот се очекува учество на повеќе од 300 деца и околу 90 тренери, кои преку дружење, игра и спортски активности ќе ја прослават љубовта кон кошарката.
Конвенцијата претставува уште една потврда за посветеноста на македонската кошарка кон развојот на младите категории и признание од ФИБА за напорите што се вложуваат во создавањето на квалитетна основа за идните генерации кошаркари и кошаркарки.