Македонија до 17 години одигра реми против Унгарија на квалификацискиот турнир

Македонија до 17 години го започна квалификацискиот турнир со реми против Унгарија 2-2, во меч во кој двапати се враќаше од негатива и покажа голем карактер во борбата за пласман меѓу двете најдобри селекции во групата.
Унгарците први дојдоа до водство во 23. минута преку Ноел Полонкаи, но нашите млади репрезентативци не се предадоа. До крајот на првото полувреме, по една мешаница во шеснаесетникот, најдобро се снајде Јаков Стојковски и ја испрати топката во празната мрежа за 1-1.
На почетокот од второто полувреме капитенот на Унгарија, Левенте Бошзе, со прецизен удар од слободен удар повторно донесе предност за својата селекција. Сепак, избраниците на Влатко Колев покажаа карактер и во 67. минута дојдоа до ново израмнување. Исламовиќ одлично асистираше со атрактивно додавање до Мартин Џангаровски, кој смирено реализираше за конечни 2-2.
Во второто коло, во сабота, Македонија ќе се сретне со Чешка, која во првиот натпревар убедливо го совлада Гибралтар со 13-0.
Македонија: Амин Суловиќ, Никола Митев, Марко Иванов, Грегоријан Михајловски, Филип Цветковски, Бленди Љачка, Андреј Цветковски, Мартин Џангаровски, Васко Папалиски (Лука Кнежевиќ 63’), Јаков Стојковски (Ердин Мамути 90’), Фадил Исламовиќ (Михаил Митревски 90’).