Македонија и Луксембург одиграа нерешено во Струмица: Аксентиев спаси реми во 91. минута

Македонската репрезентација до 17 години одигра 1-1 против соодветната селекција на Луксембург на вториот контролен натпревар меѓу двете репрезентации, кој се одигра на тренинг-центарот „Пандев“ во Струмица.
Првото полувреме помина во мирна игра, со почетно одмерување на силите и без поизразени шанси за гол на двете страни. На пауза се замина со почетните 0-0.
Во второто полувреме ритамот се подигна, а најголемата можност за Македонија ја имаше Марин Крстевски во 80. минута. Сепак, како по некое непишано правило, по пропуштената шанса следуваше казна, Луксембург поведе со 0-1 со гол во 89. минута.
Нашите млади фудбалери не се предадоа и брзо одговорија. Веќе во 91. минута, по една одлично нафрлена топка во противничкиот шеснаесетник, Илија Аксентиев беше највисок во скокот и со прецизен удар со глава ги постави конечните 1-1.
Селекторот Иљами Исејни го започна натпреварот со комбиниран состав, односно со фудбалерите кои беа на резервната клупа на првиот дуел што го добивме со убедливи 4-1. Во продолжението од средбата тој им даде минутажа и на останатите репрезентативци.